Спасувањето на СДСМ никогаш не бил критериум за донесување на наши одлуки. Ако сме биле на страната на рушење на режимот и испраќање на Груевски во историја, тоа не било заради СДСМ, туку заради сите граѓани, заради државата, заради иднината, истакна Африм Гаши, претседател на Алтернатива, во вечерашното интервју во „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
„Немаме некој афинитет да помагаме на едни или други“, додаде Гаши во тој контекст.
Претседателот на Алтернатива рече дека перцепцијата на албанскиот гласач кон ВМРО-ДПМНЕ се менува. Како период ги наведе 2015-2016 година во време кога режимот на Груевски и Ахмети веќе беше длабоко етаблиран.
„Кај Албанците, поради низа процеси, беа премногу сатанизирани и оцрнети ВМРО и Никола Груевски. И со причина. Поради безброј процеси што тој ги направи кон Албанците, а гледаше само да го зачува Ахмети како партнер. Се доведе во ситуација Албанците и повеќето граѓани во државата да не можат да го смислат Никола Груевски. Сега имаме обратна ситуација. Впрочем, тоа место на Никола Груевски го презеде Али Ахмети. Денеска тој е човекот кој е омразен на политичката сцена и не само кај Албанците, туку и кај Македонците. Луѓето се обидуваат да придобијат на една политичка фигура и една политичка структура која е непопуларна, е деструктивна и секој сака да ја нападне за да си присвои политички поени. Македонците повеќе не гледаат на сите Албанци како на структурата на ДУИ, туку прават јасна дистинкција и гледаат дека има една политичка формација која ги злоупотребува Албанците, а долго време и ВМРО и СДСМ и Македонците“, изјави Гаши.