Пред вратите редица, а полно и во салата. Денеска официјално е отворен пунктот за промена на личните документи. Сите луѓе се без закажан термин и чекаат да се фотографираат во една од кабините во полициската станица „Пролет“. За нив засега се планира да бидат само привремено решение.
„Ова е пункт којшто е времен и којшто има функција да овозможи подобар и побрз проток, сега во овој момент. Затоа се инсталирани 10 нови станици. Кога ќе заврши целиот процес, тогаш ќе се направат проценките. Но, пунктот најверојатно нема да остане трајно, бидејќи имаме неколку пунктови во Скопје. Ние не можеме да носиме одлука со којашто трошоците за издавање на личните документи би се покривале на друг начин. За тоа што можевме, како на пример за регистарските таблички, тоа и го направивме“, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
Официјалните статистики велат дека пасошите досега се најзаменувани и бројката достигна милион примероци – 900.000 лични карти и 480.000 возачки дозволи се, исто така, поминати низ системите на МВР како новоиздадени. Граѓаните со свои идеи – секоја општина да добие ваков пункт без закажување термин. Ја пофалија идејата, но им пречи метежот.
Капацитетот на овој пункт е илјада лица дневно да бидат опслужени, вели министерот за внатрешни работи. Работното време е од 8 часот наутро, до 18 часот, а по потреба може да се продолжи со работа и до 20 часот.
Петар Догов