Новиот кривичен законик е готов и во текот на неделата ќе биде предаден на надлежното министерство за правда, потврди за Телма, академик Владо Камбовски, кој е претседател на експертската работна за подготвување на измените. Законот има 100 членови повеќе и е подготвен од професори и активни судии и обвинители, но сега доаѓа во опасната зона на политички и партиски интереси кои може повторно да се вмешаат и да ги сменат кривичните дела кои што се однесуваат на функционерите, како што беше направено сложно со измените на актуелниот кривичен законик со кој фактички функционерите со злоупотреби и извршени штети на јавните пари беа амнестирани.
Со драфт верзијата не е предвидено ново ублажување во однос на актуелната состојба туку затворање на прозорецот преку кој изминатите недели многу функционери и избегаа на правдата за своите кривични дела. Трите спорни одредби повторно ќе добијат тешки и долги затворски казни.
Се воведува сосема нов член за функционерскиот криминал, за злоупотреби при јавни набавки. Казните се скалести и многу поголеми од измените кои во септември Собранието ги донесе во блицкриг со што многумина добија застарување на своите функционерски криминали. Со новото дело има дури два става со утврдени само минимални казни од 4 или 5 години со што за нив доколку политичарите не ги изменат, застарувањето на тие дела би било по 4 децении по извршувањето.
Злоупотреба при јавни набавки
Член 461 (нов член)
Став (4) Ако со делото од став (1) на овој член е прибавена имотна корист од големи размери или е причинета имотна штета од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години.
Академик Камбовски ни рече дека со новиот Законик се нпаравени прецизни степенувања на штетите и казните предвидени за нив.
Измени ама со повисоки казни за функционерите има и во делото за злоупотреба на службена положба со кое во зависност од направената штета врз буџетот предвидени се казни од 6 месеци за најмалите штети до затворски казни без предвиден максимум доколку станува збор за јавни буџетски пари.
Злоупотреба на службената положба и овластување
Член 460 (претходен Член 353)
Став (5) Ако делото од ставот (2) и (3) е сторено на штета на средствата од Буџетот на Република Северна Македонија или на единиците на локалната самоуправа, од јавните фондови, од јавните претпријатија или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку четири години.
Токму овој член би требало да го замени спорниот 353 кој срамно без никаков отпор беше осакатен во Собранието со намалување на казни за функционерите со лепливи раце. Проблемот е што сега драфт верзијата се враќа кај политичарите кои треба да го усвојат. Во политичко-функционерските редови пак преовладува ставот дека казните се превисоки, а злоупотребите може да се користат за политички пресметки. Премиерот Ковачевски во една прилика дури наведе дека казните кои беа укинати личеле на казни од 19-ти век и ги бранеше измените со одредби за поуспешна конфискација.
Миомир Серафиновиќ