Хорхе Мартин го комплетираше перфектниот викенд во Бурирам, па откако вчера ја освои пол-позицијата и победи на спринтот, денеска славеше и на трката за Големата награда на Тајланд.
Мартин победи пред својот најголем ривал за шампионската титула сезонава Франческо Бањаја, додека трет беше Бред Биндер. Всушност Биндер ја мина целта пред Бањаја, но беше турнат едно место подолу поради надминување на границите на патеката.
Марко Бецеки беше четврти, а по него финишираа Алеиш Еспаргаро, Фабио Квартараро, Марк Маркез, Лука Марини и Фабио ди Џанантонио.
Бањаја останува лидер во генералниот пласман со 389 бодови, но сега има само 13 повеќе од Мартин. Трет е Бецеки со 310 бодови.
За две недели се вози трката за Големата награда на Малезија.