Полицијата соопшти дека претпладнево имало рација за претрес во затворот Идризово при што имало и физичка пресметка со поголема група затвореници.
Биле повредени 10 полицајци. Затворот повикал и амбуланти од Итна помош бидејќи во пресметката имало и најмалку десет повредени осуденици.
При претресот се најдени над 80 парчиња ладно оружје, мобилни телефони и дрога. Кога полицијата почнала да го прави претресот во полуотвореното одделение на затворот Идризово, се собрала група од 60-тина затвореници кои се спротивставиле на акцијата при што настанал инцидентот.
Целосното соопштение на МВР:
Денеска (28.10.2023) полициски службеници од Бирото за јавна безбедност во координација со ОЈО Скопје, по претходно добиени оперативни сознанија и наредба за претрес од Основен кривичен суд Скопје, извршија претрес во Казнено поправната установа Идризово, во полуотворено одделение, при што се пронајдени 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефони и дрога. При преземањето службени дејства, се собрала поголема група затвореници која пружила активен отпор, но биле совладани по преземени мерки и активности. При тоа, со повреди се здобиле 10 полициски службеници, а со повреди се здобиле и дел од затворениците. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.