Последната нуркачка истражувачка експедиција на пелистерското Големо Езеро што ја спроведоа нуркачите од „Врело“, им донесе големо изненадување. За првпат снимија и документираа растение на дното од езерото, кое како што вели нуркачот Александар Ацев, во експедициите изминатите години, никогаш не го забележале.
Наликува на грмушка со должина од 30 до 50 цм и не се совпаѓа со вегетацијата околу езерото. Но, за да се утврди за какво растение станува збор ќе бидат потребни дополнителни истражувања во кои ќе бидат вклучени и експерти.
Изгледа многу интересно, затоа што езерото освен алгата друга флора нема. Ова е единственото растение што досега сме го виделе на дното на езерото. Карактеристично е што грмушката ја има на длабочина од 12 до 14 метри, што е максимална длабочина на езерото, вели Александар Ацев, нуркач од спелеонуркачкиот клуб „Врело“.
Нуркањето во водите на Големото езеро е вистински предизвик, затоа што се изведува во потешки услови и бара поголеми подготовки, вели Ацев, кој учествувал во голем број меѓународни и домашни подводни експедиции, од кои дел се во истражувачки цели.
И покрај напорите, нуркачите и овој пат не видоа ниту едно ендемско ракче и велат дека тоа е загрозено од рибите со кои пред неколку децении вештачки е порибено Големото езеро. Но, дното пак е како музеј под вода, затоа што крие голем број артефакти од двете светски војни, дури и шишиња со вино што Француските војници ги носеле на бојното поле.
Во крајбрежниот дел на езерото гледаме бомби од Прва и Втора светска војна, заостанати куршуми, гранати. Најверојатно војската ги фрлала во езерото за да не ги носи по планината кога се повлекувала. Има и шишиња од вино, дел се скршени, но, има и зачувани вели Ацев.
Големото Езеро е глацијално езеро, се наоѓа на надморска височина од 2.218 метри и е едно од најатрактивните места во Националниот парк Пелистер. Оваа истражувачка нуркачка експедиција спелеонуркачкиот клуб „Врело“ ја реализираше во соработка со НП Пелистер, а целта е мерење на седиментацијата на дното на езерото и следење на флората и фауната.
Емилија Мисирлиевска