Вести Македонија Топ вести

Војната во Украина ќе ги забрза балканските евроинтеграции

Од Белград за ТВ Телма

Срѓан Стојанчов

Местото на Западниот Балкан е во Европа, каде што и географски припаѓа, а војната во Украина повторно го оживеа интересот на Европската унија за регионот. На проширувањето на Европската унија со нови членки од нејзиното соседство сега се гледа и како на геостратешко и безбедносно прашање.

Ова се поентите од дебатата за местото на Западниот Балкан во глобалниот поредок на вториот ден од Белградската безбедносна конференција.

„Украина ќе биде многу поодлучувачка за Балканот, отколку што Балканот ќе биде одлучувачки за исходот од војната во Украина. Иако има испорака на муниција од шесте земји од Западниот Балкан, но и од поширокиот балкански регион, и се разбира Западниот Балкан не е целосно нерелевантен“, изјави Мануел Сарацен, специјален претставник на германската влада за Западен Балкан.

Сарацен, кој поради здравствени причини учествуваше во дискусијата преку видеоврска, вели дека Западниот Балкан одлучил дека иднината му е во ЕУ, но сака да гледа и на други страни.

„Ние, како мајка Европа, се обидуваме да избегнеме регионот да се заљуби во еден од тие други патишта, бидејќи после ќе се врати да плаче на нашето рамо“, Сарацен.

На конференцијата беше посочено дека Западниот Балкан е важно парче од сложувалката во европската безбедносна архитектура.

Украина и она што го гледаме на Блискиот Исток нè потсети дека интеграцијата и поблиската соработка не носи само просперитет, туку исто така го засилува мирот и стабилноста. Украина всушност го врати во живот проширувањето на ЕУ и ја отвори можноста за соседите на ЕУ, како и за Западниот Балкан, да се приклучат во Европската унија“, изјави Јозеф Пандур, советник на европскиот претставник за дијалогот Белград – Приштина.

Дискусијата се фокусираше главно на односите меѓу Србија и Косово и на Босна и Херцеговина, кои се гледаат како клуч на регионалната стабилност.

Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил вели дека се работи за сложено прашање, сега дополнително закомплицирано со нападот на Србите во селото Бањска кај Звечан, но оти на крај ќе мора да има политичко решение. Тој смета дека решението на проблемите во регионот може да се бара во поголема регионална соработка.

„Навистина мислам дека мора да има поголема регионална соработка. Во оваа смисла има напори од самите земји, кои излегоа со Отворен Балкан. Веројатно има голема недоверба во тоа, затоа што не успеаја да ги привлечат сите шест земји од Западниот Балкан, но исто така прашањето има еден приод наречен Берлински процес“, изјави Кристофер Хил, амбасадор на САД во Србија.

Конференцијата во организација на Белградскиот центар за безбедносна политика годинава има околу 500 учесници и 80 говорници. На најголемата конференција за надворешна политика и безбедност на високо ниво на Западниот Балкан учествуваат влијателни европски и регионални политичари, дипломати и експерти.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Дејан Дејан

Нетанјаху замина да разговара со Трамп за прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Полска воведува гранични контроли со Германија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе