Обезбеден е директен лет од Тел Авив до Скопје за евакуација на македонските државјани кои се затекнаа во Израел среде војната. Тие веќе утре треба да се на безбедно и во своите домови.
Ова го напиша премиерот Димитар Ковачевски на социјалните мрежи откако претходно министерот за надворешни работи Бујар Османи кажа дека осумдесетина македонски државјани кои побарале помош ќе бидат вратени дома.
Летот ќе се реализира со авион на Air Serbia, а премиерот Ковачевски и се заблагодари на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, за помошта во обемната дипломатско-конзуларна акција.
Во продолжение го пренесуваме во целост фб-статусот премиерот Димитар Ковачевски.
„Обезбедивме бесплатен лет од Тел Авив до Скопје за евакуација на македонските државјани кои во моментов се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Северна Македонија. Тие веќе утре треба да се на безбедно и во своите домови. Во услови на откажани летови и целосно блокиран авио транспорт со Израел, навистина беше предизвик да се организира овој лет. На моја иницијатива и во разговор со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, нашите граѓани ќе ги вратиме дома со авион на Air Serbia. Благодарност до неа и до сите вклучени во процесот, добрососедството и овој пат се покажа на дело. Нашата отворена и директна комуникација за сите прашања е секогаш во насока на изнаоѓање решенија, што конкретно се потврди и овој пат. Посакувам мирен лет и што поскоро враќање дома.“