Една четвртина во државава на преживување. Над половина милион граѓани до крајот на годинава се очекува да бидат сиромашни, дневно со по 200 денари во џебот, покажува најновата студија. Ова е резулатот од глобалната криза и растот на инфлацијата. За да се скроти сиромаштијата според експертите освен постоечките потреби се и нови мерки, затоа што состојбата е алармантна.
И од ССМ потврдуваат дека податоците се загрижувачки. Голема бројка на граѓани освен за храна и режиски трошоци немаат пари за ништо друго.
Истражувањата покажуваат дека за да се преживее, луѓето мора да работат на три места. Не одат ниту на одмор, а некои се откажале и од облеката.
Вицепремиерот Битиќи ги слушна бројките од анализите и се обиде да ги увери граѓаните дека и тој скромно се облекува и не троши на брендирана облека.
Од Организацијата на работдавачи пак се надеваат дека сиромаштијата ќе почне да се намалува, а состојбата да се подобрува.
Во изминатиот период цените значително пораснаа. За да се ублажи ценовниот шок, Владата одлучи да ги замрзне цените, но од друга страна го зголеми ДДВ- то за околу 1.000 производи. А ќе поскапат и 1.500 витамини и суплементи кои се користат во исхрнатата, но и цигарите. И покрај тоа властите не очекуваат нов скок на инфлацијата, напротив сметаат дека до крајот на годинава ќе падне до 5 отсто, иако од ММФ очекуваат да биде 10 проценти.
Ирена Чачкова