Изборната 2024-та може да донесе двојни избори во исти термини или два вида избори во рок од неколку месеци.
Спикерот Талат Џафери, кој треба да ги распише изборите, во изјава за МИА потсетува на уставните правила.
Роковите за парламентарните и за претседателските избори се совпаѓаат само во периодот од 5 до 8 мај. Секој термин порано ќе значи предвремени парламентарни избори и претходно распуштање на парламентот, што може да доведе до уставна криза. Џафери е расположен да организира лидерска средба, но нема потврда дека сите би дошле.
- Доколку се решат да разговраат за овие работи, до крајот на оваа година треба да се на чисто. Ако не, настапуваат моите уставни обврски, од кои јас нема да отстапам, оти тогаш јас би ја довел државата во уставна криза, а тоа нема да го дозволам. Ќе одам според роковите, ќе распишам избори, ќе определам ден, кој ќе учествува – ќе учествува, кој не – нивен избор, изјави Џафери.
Премиерот Ковачевски не гледа потреба од лидерска средба. Смета дека на редовни избори треба прво да избереме претседател на државата а потоа во друг независен изборен процес – пратеници. Според него, тоа е вистинскиот начин да се избегне уставна криза.
На опасноста од уставна криза предупреди ВМРО ДПМНЕ. Претседателот Христијан Мицкоски побара лидерска средба на која би се утврдиле датумите за одржување на изборите, веројатно тргнувајќи од позициите дека е рационално двата изборни циклуси да се одржат истовремено.
Последната лидерска средба Ковачевски-Мицкоски беше во јуни. Разговараа за предвремени избори и за поддршка на уставните измени. Не се договорија ниту за едното ниту за другото.
Соња Николовска