Министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечља на својот фејсбук-профил објави видео во кое тврди дека на него се гледа дека меѓу униформираните вооружени лица кои се судриле со косовската полиција во манастирот Бањска во општина Звечан, на северот на Косово е и потпретседателот на Српска листа, Милан Радоичиќ.
„Главниот криминалец Радоичиќ беше водач на оваа терористичка група и нападот во кој беше убиен полицаецот Африм Буњаку. Ова е уште еден доказ за неговата терористичка активност против Република Косово. Потпретседателот на Српската листа е лидер на терористичкиот напад и терористичката група“, напиша Свечља во објавата.
Во објавата, тој го обвини претседателот на Србија Александар Вучиќ дека преку Српската листа, а овие преку нивниот потпретседател Радоичиќ, имаат преземено терористички акции против правниот и уставниот поредок на Косово.
Свечља и во интервју за „Еуроњуз Албанија“ повтори дека видеото на кое, како што рече, се гледа Радоичиќ, е снимено со полициски дрон, а Радоичиќ бил во просториите на манастирот Бањска.