Гасење на пожар со бензин. Вака аналитичарите го коментираат вчерашното експресно донесување на измените на Кривичниот законик, со кој се намалуваат казните на функционерите за злоупотреба на службена должност. Доколку, пак, велат, зад ова стои договор да се изгласаат уставните измени, тоа ќе биде досега најсилниот удар кон и онака ниската доверба на граѓаните во политичарите.
Марко Трошановски од Институт за демократија вели дека, сите овие отстапки го намалуваат квалитетот на проширувањетона Унијата, кое ќе се претвори во гротеска, особено ако кон главниот услов, владеењето на правото, се однесуваме вака.
Пратеничката Маја Морачанин, која вчера гласаше против измените иако е дел од владејачкото мнозинство, најавува дека во партијата ќе го преиспитаат учеството во власта доколку продолжи овој тренд.
Морачанин нема информации дека имало договор меѓу опозицијата и позицијата, но реагира дека, вакви закони не се носат по скратена постапка, потребна е широка дебата и консултации.
Пратеникот Антонио Милошоски, пак, за кого има обвинувања дека е еден од пратениците на кои му одговараат измените вели дека во обвинението на СЈО се повикуваат на член 247, што не е дел од овие измени. Од неговата партија, пак, и денеска излегоа со став дека ова е резултат на планот на СДСМ И ДУИ.
Од СДСМ денеска не сакаа да појаснат која е целта на експресните измени и дали се направени со договор за уставни измени како што се сомнева јавноста.
Далиборка Демјанска