Политички важен сигнал на кој треба да се градат понатамошните чекори кон Европската Унија (ЕУ). Вака вицепремиерот за европски прашања ја толкува изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, дека 2030 година како година за членство во ЕУ на Македонија и на другите земји од Западен Балкан е остварлива цел.
Но, тоа за Маричиќ не значи дека целта е загарантирана или однапред дадена, туку дека „кај ЕУ постои волја, дотогаш да се стаса со двата крупни процеса. Едниот, вели, се реформите што ги споменува Макрон во однос на начинот на одлучување, финансирање и буџетирање, како и правата на државите членки, а од друга страна е процесот на преговори на земјите од Западен Балкан.
- „Тоа што го стави во ист контекст претседателот Мишел е изјавата на Макрон дека се потребни реформи во ЕУ и дека се потребни реформи во државите од Западен Балкан, кои ќе се случуваат и во текот на пристапниот процес. Важно е тоа што беше кажано дека, двата процеси треба да течат паралелно“, изјави Маричиќ.
На прашањето, колку овој оптимизам е реален со оглед на ставовите на опозицијата околу уставните измени, вицепремиерот вели дека одговорноста е на сите политички актери и партии, но оваа ситуација нема да биде променета од ниту едни избори. Опозицијата, вели, треба да се откаже од стратегијата на чекање,а сите да се фокусираат на обврските и да се искористи шансата.
Разговорот со Маричиќ го водеше Снежана Лупевска Созен