На лулашките никој, игралиштата тивки. Полупразни училници во најава. Алармантни статистики и тажна глетка во училиштата нѐ чека на почетокот на новата учебна година. За ова предупредуваат луѓето од образованието.
Последен пример е градот Прилеп каде што за стотина е намален бројот на запишани првачиња во новата учебна година. Во просек – по дванаесет деца во планираниот број одделенија, во десетте основни училишта.
Ништо не е поразлична сликата и во други градови и проблемот секаде е ист, посочува педагогот Маја Ивановска.
„Тоа се гледа и од самиот упис на првачиња. Секоја година драстично се намалува бројот. А, има и семејства со ученици коишто решаваат да заминат во странство во текот на учебната година, а не само во текот на летниот период. Заминуваат и буквално во средината на учебната година“ вели Маја Ивановска, педагог во основно училиште.
Што велат податоците на Државниот завод за статистика?
Базата на податоци на државниот завод за статистика е доказ за егзодусот којшто нѝ се случува. Лани над 1400 ученици се отпишани и заминале од државава.
Речиси секоја претходна година, бројките на крајот на учебната година се истите. Во 2021 нешто под илјада ученици, а во годината пред тоа 1006 ученици.
Причините за егзодусот се бројни и познати за секого.
„Веќе на сите нѝ се јасни причините, па дури и на најмладите. Ако во минатото главна причина беше немањето работа односно барање подобра егзистенција, сега не би рекла дека тоа е случај. Има многу работи коишто би можело да се направат, а првично е овозможување на правна држава и образование. Гледате дека во последно време постојано се воведуваат новитети коишто според мене и според голем дел од просветните работници се многу избрзани“ смета педагогот Ивановска.
Отпишувања се случуваат во сите класови, во сите одделенија. Пораките од образовната фела до надлежните се јасни – да се освестат и во најскоро време да почнат да ги решаваат проблемите еден по еден, за да не останеме со празни училници.
Петар Догов