Вести Македонија Топ вести

Огнена прослава во с. Дебреште – полицајци, војници и жители славеле со истрели од оружје

Семејната прослава во село Дебреште се претвори во лов на пиштолџии. Вчера беше приведен командирот кој е снимен како пука со калашников. Денес е проширена истрагата и приведени се уште двајца полициски службеници кои пукале со огнено оружје во прилепско. Идентификувани се уште неколку лица кои се придружиле во огнената прослава. Од МВР информираат за повеќе извршени претреси.

Проширена е истрагата во врска со кривичното дело “предизвикување општа опасност”. Идентификувани се повеќе лица кои пукале со оружје на веселбата и за сите ќе има соодветни поднесоци. Двајца се полициски службеници, двајца се професионални војници, а останатите се жители од с. Дебреште и с. Саждево. Извршени се седум претреси, при што е одземено разновидно оружје кое е употребено за извршување на кривичното дело, соопштија од мвр.

За триесетгодишниот командир од полициското одделение Ропотово, славјето веќе се претвори во суспензија од работа. Пронајдени се чаури и пушката која најпрво ја добива од друго лице, кое го упатува како да пука. Собрани се и снимките од настанот. Против командирот веќе е поднесена кривична пријава.

По предлог на надлежниот јавен обвинител, на лицето му е определена мерка куќен притвор во траење од осум дена, бидејќи делото се гони во скратена постапка. На осомничениот му е одземено службеното оружје, а во тек се претреси и вештачења со цел прецизно утврдување на оружјето од кое е пукано, соопштија од ОЈО прилеп.

Триесетгодишниот командир и колегите полицајци се под сомнение кривичното дело „предизвикување општа опасност“. Во членот 288 од Кривичниот законик се вели дека тој којшто со општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години. Ако делото е сторено на место каде што се собрани поголем број луѓе, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години. Ова не е првпат полицајци да пукаат во воздух.

Ваков сличен случај во билтените на МВР имаше и пред три години. Тогаш полицаец се веселел пред кафеана во Крива Паланка. Дел од униформираните полициски службеници како службено оружје имаат и автоматски пушки или пиштоли, но нивната употреба е строго регулирана и дозволена исклучиво во полициски операции, активности, тренинзи и вежби.

Според Законот за оружје строго е забрането поседување и употреба на автоматско оружје, а цивили немаат никаква можност легално да поседуваат автоматски пушки и калашникови. За прекршување на законот се предвидени строги затворски казни.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нова рунда преговори меѓу Русија и Украина утре во Истанбул

Дејан Дејан

(Видео) Руски авиони во пламен, мета воени аеродроми во пет области – Украина изведе операција „Пајакова мрежа“ што ја подготвувала 18 месеци

Дејан Дејан

(Видео) Делови од Скопје без вода поради зафат на „Водовод“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе