„Стоп“ за железничкиот сообраќај. Вака одлучија вработените во Македонски железници – Транспорт. Без целата плата, револтирани, но и навикнати на бојкот, синдикалците застанаа пред камера повторно да испратат порака до менаџментот.
Најпрво, да им биде исплатена платата во целост, но и да добијат подобри услови за работа. Возовите само така повторно ќе сообраќаат.
Бојкотот започна вчера и железницата денес втор ден мирува. Вработените добиле само еден дел од платата за месец јули.
„Е, вака кога ќе дојде некој проблем тогаш се молиме по телефони, па се закануваат дека ќе нѐ пријават во трудова инспекција, па велат „ќе видите вие“. Дали тие се исправни? Се знае до кога треба да биде исплатена платата. До 15-ти во месецот платата треба да биде исплатена во целост. И во понеделник да дадат втор дел од платата, бојкотот ќе продолжи сѐ додека не седнеме и да почнеме да ги решаваме работите. Бојкотот ќе продолжи до исполнување на нашите барања“ изјави Тони Димовски, претседател на Синдикатот на машиновозачи на Македонија.
Телма се обиде да добие став од директорот на МЖ – Транспорт и од неговите најблиски соработници.
Обидот беше безуспешен, а за слаба комуникација со своите надлежни обвинуваат и претставниците на синдикатот. Железници – Транспорт брои повеќе од 1600 вработени.
„Беше договорено месецов да почнеме со преговори за покачување на коефициенти. Требаше да преговараме и да видиме од каде може да се набават локомотиви и да се изнајмат, затоа што ние сега работиме со две локомотиви. А, две локомотиви, 1600 вработени – ние вака не можеме да работиме“ вели Димовски.
И минатиот месец имаше прекин во железничкиот сообраќај, заради истите причини. Се бојкотираше и претходно, а пред неколку месеци вработените порачаа – се менуваат само директорите, а проблемите никој не ги решава и остануваат исти.
Петар Догов