Сѐ уште чади опожарената депонија лоцирана на нива во близина на Волковија. Веќе трет ден жителите во тетовско-гостиварскиот регион се гушат од непријатна миризба.
Пожарникарите интервенирале со 40 камиони со по 10 тони вода, а поради спецификата при гаснење на вакви пожари и големата површина која е зафатена, од вчера се затрупуваат со земја деловите што чадат, што продолжува и денеска со градежна механизација.
Пожарот на депонијата во с.Волковија е речиси изгаснат. Сопственикот на депонијата ангажирал приватна фирма, којашто со два миксера и пумпа истураат вода над депонијата, а исто така ангажирани се и два багера. На терен е и една екипа со цистерна од ТППЕ-Тетово, велат Центар за управување со кризи.
Откако здравствените работници алармираа дека при горење на смет се испуштаат канцерогени материи, реагираа и активистите. Од Граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ велат дека револтот е голем, затоа што депониите се на штета на здравјето на населението.
„Има многу диви депонии на локации кои немаат право на тоа и се во близина на населени места и тие се многу штетни за населението директно, па после преку водата и почвата, нормално на друг начин влијаат негативно здравјето на луѓето. При распад на отпадот излегуваат отпадни гасови кои се штетни и токсични за здравјето на луѓето и се брзо запалливи“ – изјави Елмедина Абдулахи, Иницијатива Подобро за Тетово
И од Иницијатива „Тетово сака парк“ велат дека сѐ уште ни се случуваат депонии блиску населени места и во најплодното поле во тетовско, а труењето и штетите не се само моментални, туку имаат и продолжено дејство со непоправливи последици.
Од Државниот инспекторат за животна средина информираа дека бил направен вонреден инспекциски надзор по пожарот во депонијата во близина на Волковија, но сѐ уште се прибира потребната документација со која треба да се утврди дали има неправилности во работењето на концесионерот, односно правниот субјект, кој има добиено дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање за управување со депонијата.
Точно се знае кои шифри на отпад, ќе направат проверка и доколку се утврди ќе се преземат соодветни санкции спрема фирмата бидејќи не смеела комуналниот отпад да го носи на таа локација. Дали носел комунален отпад од општините со кои има склучено договор на таа локација во Стенче, а требало да го носи во депонија Русино тоа ќе го провери инспекторот и доколку утврди тоа, а имало горење на отпад ќе има соодветна санкција, забрана за работа согласно законот за управување со отпад и законот за животна средина, велат од Државен инспекторатот за животна средина
Од СВР Тетово информираат дека на сопственикот на депонијата му била изготвена пријава по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, затоа што вчера се однесувал агресивно, ги попречувал во работата и се заканувал на новинарски екипи.
Данијела Билбилоска