Најнов спор за арбитража против државата е отворен во јули во меѓународниот суд во Вашингтон. Албанската компанија Амадеус груп бара 110 милиони долари отштета од Македонија бидејќи смета дека не и дозволиле да го изградат проектот Шпански скали на скопскиот плоштад. Контроверзниот проект веќе е поништен, а за зделката е обвинет екс министерот Миле Јанкиески и десетина вработени во државната администрација.
Централната локација во Скопје каде требаше да се изградат шпанските скали сега е дел од арбитражен спор кој албанската Амадеус груп го покрена пред Меѓународниот суд во Вашингтон. Албанската компанија бара од државата отштета од 110 милиони долари (околу 100 милиони евра).
Спорот бил заведен минатиот месец, затоа што Амадеус груп смета дека државните и локалните институции во Македонија им го закочиле планот за изградба на хотел и трговски центар на плоштадот во Скопје.
Амадеус груп на јавни лицитации во 2012-та година купи две локации од државата, една за шпанските скали во центарот, втора за хотел на плац под Калето и покрај Вардар.
Амадеус груп според написот во специјализираното списание Global Arbitration Review, во тужбата смета дека добила првични дозволи за проектот, а потоа почнало противење на општината, за која тврди дека индиректно и директно извршила експропријација на нивната сопственост и ја спречила изградбата.
Шпански скали е веќе поништен проект во ДУП-от за Плоштадот и тоа го донесе општина Центар откако ја укина дозволата поради доцнење на изградбата.
Дополнително за случајот е покренато обвинение против Миле Јанакиески кој како министер за транспорт и врски ја потпишал купопродажбата на земјиштето на скопскиот Плоштад во вредност од 1,5 милиони евра, а обвинети се уште десетина вработени во комисиите на министерството.
Следното рочиште на овој предмет е на 28-ми август, а судењето за шпански скали почнуваше неколкупати од почеток поради судски процедурални пропусти и одлуки.
Од општината кратко ни соопштија дека првпат слушаат за тужбата, додека задолжениот во владата за арбитражи, вицепремиерот Фатмир Битиќи ни порача дека ќе добиеме одговор на прашањата за последниот спор тежок 110 милиони долари.
Миомир Серафиновиќ