Чад и неподнослива миризба на изгорено се шири во тетовско-гостиварскиот регион втор ден по ред, поради пожарот на депонијата во близина на селото Волковија. Граѓаните велат најинтензивно се чувствува во ноќните и утринските часови поради што се жалат на пецкање во очите и гребење во грлото.
Доктор Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје Тетово вели дека погодени се сите граѓани, а акутно влошување има на хронично болните лица. Поради горењето на отпадот се покачија вредностите на штетните ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, но во воздухот има други канцерогени материи кои мерните станици за квалитет на амбиенталниот воздух не ги регистрираат, вели доктор Давидовски.
„Покрај мерлививе концентрации, најголема опасност при горење на депонии е појавата на диоксин и фуран, канцерогени материи од прв ред. За среќа ова ни се случува кратко во рок од 5 часа, но во многу лош временски период, два дена ни се последователни, во ноќните часови. Ние сите го почувствувавме, а посебно хроничните болни и децата. Имаме акутно влошување на хроничните состојби кај луѓето со ХОПС, со астма, со бронхити“, изјави доктор Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија.
Тетовските пожарникари два дена се обидуваат целосно да го изгаснат пожарот, но сè уште чади. Поради спецификата на гаснење на пожари на депонии и голема површина, тие побараа помош од институциите за депонијата да се затрупа со земја.
„Ние навистина се трудиме со сите наши сили да го изгасме, но како што гледате ова е огромна депонија и се трудиме да го изгаснеме пожарот, но ова треба да се затрупа“, вели Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.
„Во текот на вчерашниот ден се започнати активности за затрупување на оваа депонија. Колку што можевме да видиме денес исто така се работи. Разговаравме со сопственикот, кој што со сета сила ќе се обиде во текот на денешниот ден со поголем број тешка механизација, истата да ја затрупа“, истакна Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи.
Депонијата се наоѓа во атарот на село Волковија на површина поголема од еден фудбалски стадион, цела опкружена со ниви. Од Општина Брвеница велат дека сопственикот на депонијата има дозвола издадена од Министерство за животна средина. Инспекциските служби проверуваат дали има неправилности.
Данијела Билбилоска