Причината за проблемот со нефункционалноста на одредени платежни картички на банкомат или во трговија не е поврзана со националните телеком оператори, ниту со поединечните системи на банките, се вели во соопштението на Македонската банкарска асоцијација (МБА) по забелешките на граѓаните дека не можат да користат картички за вадење кеш или за пазарење по продавници. Од таму се надеваат на брзо нормализирање на сервисите.
„Во име на членките на Македонската банкарска асоцијација, ве информираме дека во моментот кога соопштението се подготвуваше и испраќаше дел од услугите на нашите членки, поврзани со картичните брендови VISA и MasterCard се недостапни – на банкомат или во трговија. Како и досега, средствата на клиентите на банките се достапни во сите експозитури и филијали“, се наведува во соопштението на МБА.
Според МБА, нејзините членки се во интензивна комуникација со картичните брендови VISA и MasterCard и по добивање на покомплетни сознанија, јавноста навремено ќе биде известена.