Штрајкот на вработените во Државниот испитен центар се става во мирување. Оваа одлука следуваше по изнесениот став на министерот за образование и наука Шаќири дека државната матура мора да се спроведе во предвидениот рок. Нагласи дека доколку е потребно во процесот ќе се вклучат и вработените од МОН. Од ДИЦ стравуваат дека надворешните лица ја згрозуваат тајноста на податоците и затоа го прекинуваат штрајкот. Тие ќе ја продолжат борбата за нивните права по матурата, а дотогаш му упатија порака на министерот Шаќири.
Вашите досегашни обиди за решенија на проблемот, а со тоа и ветувањата кои им ги дадовте на матурантите во медиумите се спротивни на одредбите на Правилникот за процедури за тајноста на подготовката, печатењето, дистрибуцијата, чувањето и оценувањето на испитниот материјал, донесен од министер за образование и наука од 31.3.2014 година. Со Вашиот обид да реализирате матура без вклученост на вработените на ДИЦ, Вие ќе бевте тој што ќе ги оштетеше матурантите!
Утрово неговата порака од Кавадарци беше кратка и јасна дека државната матура мора да се реализира во предвидениот рок.
Од Сојузот на средношколци велат дека државната матура е законска обврска и државата е должна да ја спроведе во законски предвидениот рок. Штрајкот на вработените во ДИЦ траеше речиси три недели поради минималните плати, а со тоа беа засегнати околу 16.000 матуранти.
Тамара Марковска