Штрајкот го ставаме во мирување, соопштија од Државниот испитен центар (ДИЦ) по изјавата на министерот за образование и наука, Јетон Шаќири дека државна матура мора да има на 27 мај за што, како што порача претпладнево од Кавадарци, ако треба ќе бидат ангажирани вработени од ресорот со кој раководи.
„Насилните мерки и притисоци на министерот Шаќири со обид да внесе надворешни лица во процесот на државната матура, процес кој е со висок степен на тајност, ќе ја доведе во прашање валидноста на тестирањето и резултатите од матурата. Вработените во Државниот испитен центар, како експерти во областа и лица со висок интегритет и чувство за општествена одговорност, одлучија да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на вашата иднина“, се наведува во соопштението на ДИЦ.