Во Собранието е доставен предлогот за новиот кабинет предводен од Димитар Ковачевски.
-Премиерот го достави предлогот за реконструкција на Владата и е примена од нашата архива. Кој ден ќе биде на седница, односно кога претседателот на Собранието ќе ја свика, ќе информираме дополнително, велат од собраниската прес-служба.
Предлогот за реконструкција на владиниот кабинет е за четворица министри и пет заменици министри, а следуваше по преговорите за приклучување на Алијансата за Албанците (АА) во владиното мнозинство.
Кренар Лога е предложен за министер за правда од Алијансата и треба да дојде на местото на универзитетскиот професор Никола Тупанчевски. По два мандати во кои универзитетските професори го водеа ресорот Правда, сега задачата за реформи во правосудството му се доверува на Лога, досегашниот член на ДИК и поранешен општински секретар во Струга.
Фатмир Меџити е предлог на Алијансата за здравство, а Азир Алиу од истата партија е предлог за нов министер за информатичко општество и администрација.
За нов министер за животна средина и просторно планирање е предложена Каја Шукова од СДСМ, на местото на досегашниот Насер Нуредини од ДУИ.
Во вкупниот скор Алијанса добива тројца министри, Алтернатива губи се (разрешен е Чупи како министер без ресор задолжен за дијаспора, заминуваат Сали од Здравство и Алити од МИОА). ДУИ губи еден министер, а СДСМ е на нула, ја дава правда и ја добива животна средина.
Математиката во коалицијата ја дополнува и реконструкцијата на заменици министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство.
За заменик министер за одбрана е предложен Тирон Јајага од Алијанса за Албанците, а од редовите на оваа партија е и Вјолца Бериша за заменичкото место во земјоделство, шумарство и водостопанство.
Предлог на Ковачевски за заменик министер за правда е Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, за здравство Маја Манолева
Во Образование ДУИ комплетира цел кабинет бидејќи го ротираат Агим Нихиу од Правда во МОН каде тој ќе биде заменик на сопартиецот Јетон Шакири. На Нухиу ова му е трета замебичка позиција по МВР и правда.
Промени има и во пониските ешалони на директорските позиции, а со коалициски договори преку критикуваната форма “В.Д. директор” политички се распределуваат партиски луѓе на позиции за кои се предвидени конурси за избор на најспособните кандидати.
Коалицискиот партнер во власта Алтернатива, кој раководеше со министерствата за здравство и за информатичко општество и администрација, а има кадри и во пониските ешалони на власта, за утре најави седница на Претседателството на која ќе одлучува за натамошното делување.
Недостига документација за сè што е изградено во Македонија за реална слика за сеизмичкиот ризик