Вести Свет Топ вести

128 часа по катастрофалниот земјотрес се уште се пронаоѓаат преживеани – хуманитарната криза се продлабочува

128 часа по катастрофалниот земјотрес од 7,8 степени, кој срамни со земја илјадници згради во Турција и Сирија не запираат вестите за чудесни, неверојатни спасувања на преживеани под урнатините.

Четири дена по смртоносниот земјотрес во кој досега во двете земји животот го загубија повеќе од 24 000 луѓе, беа повредени најмалку 80 000 а милиони луѓе останаа без домовите, камерите се уште регистрираат по некоја чудесна приказна на спасување, наспроти суровата и траорна атмосфера за илјадници живи затрупани.

Во Антакија спасувачите, 108 часа по земјотресот, извлекле 4 члено семејство, мајката Неслихан Карадениз и нејзините деца Рамазан, Мунире и Фатма.

„Доаѓаме по тебе, тропни уште два пати. Тропни бргу!“ – апелираа спасувачите.

Во еден од турските градови кој претрпе најголеми уништувања, Кахранманмараш, 16 годишниот Камил Џан Агдаш бил извлечен од под урнатините од турските и киргизстанските спасувачи, цели 119 часа по првиот разорен потрес. Неговите братучеди, не можеа да поверуваат дека нивниот близок роднина е жив.

„Го извлекоа брату. Го извлекоа. Тука е со нас!“ – коментираат братучедите на Камил Џан Агдаш

Во истиот град, доцна синоќа, припадниците на Израелските одбранбени сили успешно го извлекоа жив и 9 годишниот Ридбан, кој 120 часа преживеал под урнатините на зграда во која живеел.

Неговиот татко и сестра исто така биле пронајдени живи, но не и неговата мајка.

Иако еден од главните регионални ривали на Турција, со ултра десничарска влада во Тел Авив, еврејската држава испрати тим од 380 инжењери, лекари, експерти за спасување и најсовремена опрема во регионот зафатен од земјотресот, една од најголемите спасувачки групи од странство.

Извлековме живо дете. Колку беше старо? Мислам дека има 9 години“ – вели еден од израелските спасувачи.

Серијата драматични спасување сепак не може да го замени впечатокот за страотното уништување во голем регион во Сирија и Турција, каде живеаа повеќе од 13,5 милиони луѓе.

Цели населби од висококатници се целосно уништени а во земјотресот, чиј смртоносен биланс во наредните денови се очекува драматично да се зголеми, веќе досега животот го загубија повеќе луѓе од земјотресот и цунамито во Фукушима, Јапонија.

Особено тешка е ситуацијата во Сирија. Во градот Харем, цели семејства беа затрупани живи, додека и оние кои преживеа се соочуваат со огромна неизвесност, меѓу нив и 5 годишната Џинан ал-Сири и нејзиниот 11 месечен брат Абдо

Мајка ми, татко ми, сестра и сите мои сестри се мртви. -Кој остана? -Само јас и Абдо.

Добра вест, доколку се потврди како точна,  секако е најавата дека владата на Башар ал-Асад дала дозвола за слободен премин на сета хуманитарна помош и за регионите под контрола на бунтовниците.

Обединетите нации повикаа на итен прекин на сите судири во Сирија за да може да се достави хуманитарна помош за сите на кои им е потребна.

Фокусот на работата на хуманитарните организации се повеќе се насочува кон обездување храна и засолниште за луѓето кои останаа без своите домови.

Обединетите нации предупредуваат дека на повеќе од 870 000 луѓе итно им се потребни топли оброци во Сирија и Турција.

Само во регионите уништени од земјотресот во Сирија, стравувањата се дека до 5,3 милиони луѓе останале бездомници.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Градоначалникот на Чучер Сандево за Телма тврди: состојбата со пожарот во општината е алармантна

Дејан Дејан

Топ Тема: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања за политиканство и негрижа за настраданите во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе