Вести Македонија Топ вести

Македонски државјанин продава лажни руски вести по бугарски медиуми, тврди прогонетиот бугарски новинар Грозев од Белингкет

Македонски аналитичар во Бугарија продава лажни вести и дезинформации произведени во Кремљ, ова го тврди бугарскиот новинар Христо Грозев кој како член на истражувачката новинарска група Белингкет е ставен на руска потерница. Грозев тврди дека македонскиот државјанин дава по 250 евра за објавување на дезинформациите. Дарко Тодоровски нема во македонските новинарски кругови, но со исто име постои аналитичар од Делчево кој живее во Москва.

Лажни вести создадени од специјалните служби на Кремљ се објавуваат на веб портали низ  Бугарија за пари кои ги исплаќа македонски новинар. Ова го тврди Христо Грозев, новинар на истражувачката група Белингкет којшто е ставен на потерница од страна на Русија поради информациите кои ги открива за режимот на Путин и за војната во Украина.

Грозев на седница на собраниска комисија за надзор на бугарските тајни служби во бугарскиот парламент го откри и идентитетот на тој македонски државјанин.

-Може да кажам дека еден од каналите преку кој се доставувани дезинформациите во бугарските медиуми за заплашување, поминува преку македонскиот граѓанин Дарко Тодоровиќ(ски), кој се претставува како дописник и како експерт за руско-украински теми. Со проста проверка се гледа дека многу бугарски медиуми се повикуваат на негови извештаи и сами може да заклучите до каде е стигнато тоа, рече Христо Грозев, новинар на истражувачката мрежа „Белингкет“.

Според Грозев, Кремљ има специјална служба за дезинформации којашто приготвува лажни вести и ги распределува низ земјите кои се членки на НАТО или на Европската Унија. За Бугарија, во интервју за БТВ вчера, конкретно кажа дека македонскиот државјанин на бугарските веб медиуми им плаќал по 500-тини лева (250 евра) за да ги објавуваат дезинформациите „зготвени“ во рамките на руските хибридни закани.

Грозев не соопшти други детали за новинарот, аналитичарот од Македонија Дарко Тодоровски односно Тодоровиќ како што за првпат го нарече во бугарскиот парламент,  па после се исправи.

Лице со такви генералии во новинарските кругови во Македонија не постои. Но постои Дарко Тодоровски родум од Делчево, а со живеалиште во Москва којшто се појавува повремено како аналитичар за руско-украинската војна во медиуми во сосоедството.

-Тие (Русите) трупаат сили и мислам дека Русите сега целат на формирање на армија која може да ги реши големите геостратешки задачи, рече Дарко Тодоровски, аналитичар во јавување за ТВ Вести од Србија на 26-ти декември лани.

Телма упати прашања до него преку профилите на социјалните мрежи на кои стои дека е дел од списанието Младински дипломатски журнал на руски јазик како и дека работел во информативниот туристички веб сајт Куќа на Македонија исто така на руски јазик.

За бугарскиот истражувачки новинар Грозев, Русија веќе издаде феедерална потерница поради наводно издавање на воени позиции на руската војска.

Грозев пак бара заштита од Бугарија за да се дознае официјалната причина за неговото ставање на потерница. Тој смета дека за неговиот прогон од руската држава се виновни истражувањата на Белингкет кои откриле кои 33-ца Руси стојат зад големите одмазднички напади во Украина лани откако украинската војската го врати градот Херсон под своја контрола.

-Една од причините поради која е возможно, што е моја хипотеза, е објавата на анализа од пред еден и пол месец. Беше идентификуван еден тајна група во руското Министерство за одбрана. Таа група е одговорна за програмирањето на маршрутите на ракетите кои предизвикаа огромни човечки жртви како и уништување на инфраструктура, рече истражувачот Грозев, пред бугарските пратеници кои го вршат надзорот на тамошните тајни служби.

Грозев на пратениците во Софија им порача дека десетици нови руски агенти се инфилтрираат постојано во Бугарија, а има и руски агенти и разузнавачи во тамошните нови и млади опозициски партии.

Русите ја гледаат Бугарија како лесен плен, предупредува Грозев и имаат широки разузнавачки активности и во нашиот источен сосед, но и во околината.

Засега никој не ја открива локацијата каде престојува Грозев иако тој има удел во холандската новинарска истражувачка група Белингкет која што преку отворени извори и раширената корупција во руските институции открива и купува информации за хибридните и воените закани на власта на Путин.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обвинителството бара продолжување на мерките притвор и куќен притвор за сите осомничени за пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Онколошките пациенти без терапија – министерот не информиран

Дејан Дејан

Нова фаза за Сојузот на економисти на Македонија: Враќање на знаењето и стручноста во време на економски предизвици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе