Искрен и коректен разговор. Ова е единствената реакција од официјален Белград, споделена преку социјалните медиуми, по средбата која српскиот претседател Александар Вучиќ ја имаше со специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак и заменик помошникот на американскиот државен секретар, Габриел Ескобар.
Неколку значајни детали повеќе има во објавата на Твитер на Лајчак, кој оцени дека се водела отворена и искрена дискусија за пронаоѓање политичко решение кое би ги намалило тензиите, но и би дозволило отстранување на барикадите.
Претходно и американскиот дипломат, Ескобар уште од Косово, порача дека Соединетите држави „категорилно ја одбиваат“ идејата за враќање на српските сили на Косово, додавајќи дека властите во Приштина имаат многу цврсти безбедносни гаранции од официјален Вашингтон.
На Косово, ситуацијата засега е мирна, но и понатаму тензична. Барикадите на Северно Косово кои ги поставија Србите, барајќи ослободување на уапсениот поранешен полицаец Дејан Пантиќ, продолжуваат веќе 5 дена по ред.
Во Приштина пак, највисоките официјални претставници на Косово, Претседателката Османи, собранискиот спикер Коњуфца и премиерот Курти го потпишаа барањето за прием во членство во Европската Унија, кое утре планираат да го предадат во Прага, на чешкото претседателство.
Денеска го правиме првиот чекор кон членството во најголемата организација за мир и просперитет во Европа, Европската Унија. Барањето за членство во ЕУ кое беше потпишано денеска од шефовите на институциите на нашата република ќе биде предадено во Прага на Чешкото претседателство со Советот на ЕУ. Ова е историски миг за нашата држава, која се стреми да отвори ново поглавје за нашата држава и општество, изјави курти.
Тоа е обичен политички маркетинг за внатрешни цели на Косово и Метохија, оцени шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, кој додаде дека за да се случи такво нешто, потребен е консензус во рамките на ЕУ, кој секако не постои, посочувајќи ги 5-те земји членки на Унијата кои досега го немаат признато независно Косово, ниту пак има навестување дека тоа наскоро ќе го направат. Станува збор за Грција, Кипар, Шпанија, Романија и Словачка.
Никола Илиевски