На прашање на Телма од Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ одговорија дека на Правниот факултет „Јустинијан Први”, со воведување на Болоњскиот систем, сите студенти кои што завршиле прв циклус на правни студии се стекнуваат со 180 кредити и им се издава уверение и диплома за завршени универзитетски студии со стручен назив – Дипломиран правник, но не и степенот 7/1.
Ова е спротивно на тврдењето на ексминситерот за правда, Аднан Јашари кој во „Tоп тема“ на Телма тврдеше дека во период од 2008 до 2011 година, сите приватни и државни факултети издавале такви уверенија.
Антикорупционерите побарале од Просветниот инспекторат да провери дали и другите правни факултети издавале уверенија како она на Барлет Џафери во периодот од 2008-2012 година.
Во продолжение го објавуваме целиот одговор што го добивме од најголемиот универзитет.
- Со одредбите од Законот за високото образование од 2008 година, првиот циклус на универзитетските студии, по правило трае од три до четири години и со неговото завршување, студентите стекнуваат од 180 до 240 ЕКТС кредити.
- Стручните студии траат три години и со нивно завршување се стекнуваат 180 ЕКТС кредити. Студентот добива диплома за завршен прв циклус на стручни студии, со додавка на струката.
- На Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, со воведување на Болоњскиот систем, сите студенти кои што ги завршиле сите обврски по студиската програма за добивање на високо образование на прв циклус правни студии се стекнуваат со 180 ЕКТС кредити и им се издава уверение и диплома за завршени универзитетски студии со стручен назив – Дипломиран правник.
- Во уверенијата и дипломите за завршени универзитетски студии се наведуваат само стекнатите ЕКТС кредити и стручниот назив, без да се наведе ниво и подниво на квалификација, односно степен на квалификација.
- Со донесување на Правилникот за содржината и формата на дипломата, упатството за подготовка на додаток на дипломата и на другите јавни исправи во 2018 година, покрај стекнатите ЕКТС кредити и стручниот назив, се наведува и нивото на квалификацијата.