Државна институција со реакција на партиски обвинувања.
Здравствениот инспекторат со денови е мета на прозивки и обвинувања од страна на опозиционерите.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговори од директорката на ДСЗИ, Бухова, претходниот министер за здравство Филипче и актуелниот Беким Сали, прашувајќи како е возможно една клиника во центарот на Скопје да работи без потребните дозволи.
Во дописот од ДСЗИ пишува дека тие не сакат да се вмешуваат во политика и да реагираат на партиски гласила, но приморани се да се спротивстават на невистините.
Во овој случај станува збор за здравствената установа „ПРОМЕДИКА“ за која од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека вршеле операции на очи, и тоа „на црно“ и дека надлежните институции им прогледувале низ прсти.
„На ден 25.07.2018 година од страна на ДСЗИ извршен е вонреден инспекциски надзор во ПЗУ „Промедика Медикал Центар – Скопје“, при што е констатирано дека установата врши интервенции кои се надвор од дозволата за работа. На ден 24.08.2018 година извршен е контролен инспекциски надзор по издаденото решение при што е констатирано дека се почитува забраната и не се вршат хируршки интервенции за катаракта“ се вели во соопштението на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Во ноември 2019 година, „ПРОМЕДИКА“ се здобива со решение за дозвола за работа издадено од Министерството за здравство.
Последниот вонреден инспекциски надзор е извршен вчера, на барање на министерот за здравство Беким Сали.
Констатирано е дека установата работи согласно наведеното решение за дозвола за работа.
Пред четири години или во 2018 година, опозицијата не алармира за овој случај, но во последната недела обвинува дека надлежните институции во ресорот здравство толерирале операции „на црно“.
Овие обвинувања за Ирина Бухова стигнуваат во период кога се очекува смена на раководната позиција во Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Актуелната в.д. директорка побарала да биде пронајдена нејзина замена откако ѝ е истечен мандатот во април годинава.
Неизвесно е само кога разрешувањето на Бухова ќе се најде на дневен ред на владина седница.
Засега сè уште не се знае кој ќе биде нејзиниот наследник, но според информациите кои ги има Телма, директорското столче нема да припадне на Алтернатива, партијата од којашто доаѓа министерот за здравство Беким Сали, туку новиот директор ќе биде поставен од СДСМ.
Петар Догов