Нови дилеми се отвараат по одлуката на Вселенската патријаршија да ја канонизира Македонската православна црква – Охридска Архиепископија а во која е ставена забелешка дека таа не смее да го користи името „македонска“ или „Македонија“.
Тоа јасно стои во коминикето кое во понеделникот е испратено до јавноста. Според напишаното името „Охрид“ на црквата било ветено од нејзиниот примат односно од Македонската православна црква.
„Таа го признава „Охрид“ како име на оваа црква (сфатена како регион на нејзина јурисдикција исклучиво во границите на територијата на државата Северна Македонија), како што писмено и вети на Вселенската патријаршија од нејзиниот примат. Притоа исклучувајќи го терминот „македонски“ и кој било друг дериват на зборот „Македонија““ – соопшти Вселенската патријаршија.
Од МПЦ пак тврдат дека такво ветување не било испратено и дека станува збор за дипломатски потег на Вселенската патријаршија, без да појаснат каков, но се децидни.
„Не е точно дека на Вселенската партијаршија и е ветено името „Охрид“ како име на црквата. Никој не може да се откаже од името на Македонска православна црква“ – реагираат од МПЦ-ОА.
На иста линија е и анализата на германската католичка новинска агенција.
„Црквата се признава под името „Охридска црква“.Со тоа Цариград води сметка за српските, но и за грчките интереси“ – тврди католичката новинска агенција.
Ова вчера меѓу редови го соопшти и Владиката Тимотеј
По 55 години минати како расколчничка црква, во понеделникот беше призната каноничноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и со тоа афтокефалноста на црквата е чекор поблиску а клучна пречка останува управниот спор со СПЦ.
Отсега македонското свештенство ќе може рамноправно да сослужува со свештенството на сите православни цркви во светот.
Огнен Чанчаревиќ