Вести Свет Топ вести

Украина апелира на евакуација на Донбас – следна цел на Руската инвазија

Украинските власти низ 10 коридори денеска ќе се обидат безбедно да го евакуираат цивилното население во градовите кои се под опсада на руските сили, вклучувајќи го и Мариупол, каде и покрај огромното уништување во повеќе неделни жестоки руски напади, се уште се наоѓаат повеќе десетици илјади цивили.

Русија го засилува и бомбардирањето во регионот Донбас, чие освојување е следната голема цел на инвазијата планирана во Кремљ. Гувернерот на Луганск, Серхеј Гајдај, апелираше до луѓето веднаш да ги напуштат своите домови.

Според проценките на Украинските власти и армијата, Русија собрала воени сили во регионот кои засилено ги интензивираат бомбардирањата на повеќе населени места.

„Во Доњецк, непријателот продолжува со нападите. Главните напори се концентрирани на преземање контрола на населбите Рубижне, Нижне, Попасна и Новобахмутовка, како и за преземање целосна контрола над градот Мариупол“ – вели Олександар Шпутин, портпарол на Генералштабот на Украинската армија.

Според проценките на Украинската власт, околу 30% од жителите во Донбас и натаму живеат во овој регион и мораат итно да се евакуираат.

Украина се уште ги брои и жртвите од вчерашното бомбардирање на железничката станица во градот Краматорск, од каде се вршеше евакуацијата на цивилното население.

Досега најмалку 50 луѓе ги загубија животите во нападот кој ја шокираше целата меѓународна заедница. 38 лица биле убиени на лице место, уште дванаесет починале во болниците а меѓу жртвите има и 5 деца.

Повеќе десетици луѓе се во критична состојба.

„Се сеќавам на многу силен звук и нешто пада, гранати или ракети. Сите паднавме долу. Потоа беше кошмарно, насекаде имаше пожар, сите бевме во паника“ – вели една млада девојка која го преживеала нападот.

„Беше страшно, многу страшно, ужас. Не дај боже повторно да преживеам вакво нешто, никако ова да го поминам“ – додава друга жена.

Вчерашниот смртносен напад на железничката станица во Краматорск е уште едно руско воено злосторство, оцени украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Брзањето на руската пропаганда да ги обвини нашите сили за страотното бомбардирање само ја потврди нивната одговорност, смета Зеленски.

„Руските државни пропагандисти толку брзаа да ја префрлат одговорноста за овој напад на Украинските сили, што несакајќи ја докажаа вината на Русија. Агенцијата Риа Новости информираше за нападот во Краматорск уште додека ракетите беа во воздух. Еден ден претходно, други руски пропагандисти ширеа закани кон луѓето кои се евакуираа од Донбас преку железницата“ – изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Според западни разузнавачки избори, официјален Кремљ, незадоволен од темпото со кое се одвива руската инвазија на Украина, го сменил и главниот командант на воение операции.

Генералот Александер Дворников, кој имал голема улога и во воените напади во Сирија е поставен за одговорен за координирање на сите операции на руската армија.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Градоначалникот на Чучер Сандево за Телма тврди: состојбата со пожарот во општината е алармантна

Дејан Дејан

Топ Тема: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања за политиканство и негрижа за настраданите во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе