Вести Свет Топ вести

Обама и Бајден повторно заедно во Белата куќа

Барак Обама ја посети Белата куќа во вторникот за прв пат од 2017 година за да ги промовира придобивките од законот за здравствена заштита донесен додека беше на функцијата и да го поддржи пријателот и поранешен потпретседател, актуелниот претседател Џо Бајден.

Поранешниот и сегашниот претседател на САД разменија неколку шеги, потсетувајќи се на времето кога Барак Обама беше претседател, а Џо Бајден негов заменик.

„Убаво е да се биде повторно во Белата куќа“, рече Обама, кој не се врати во неа откако му ја предаде на Доналд Трамп.

Обама потсети на многуте придобивки од Законот за пристапна нега, кој го опиша како „голем момент“ во неговиот мандат.

„Ако можете да им овозможите здравствено осигурување и подобра нега на милиони луѓе, тоа е, ајде да го цитираме славниот Американец, прилично… голема работа“, рече Обама.

„Името Обамакер е најсоодветно“

Бајден се пошегува дека тој и Обама на ручек не знаеле кој каде да седи и го пофалил поранешниот претседател за неговото лидерство во спроведувањето на законите за здравствена заштита.

„Законот секако е именуван, но името Обамакер е најсоодветно“, рече Бајден.

И додека Обама останува популарен, популарноста на Бајден во анкетите опаѓа, делумно благодарение на високата инфлација и пандемијата Ковид 19.

Бајден претстави мерка со која треба да се подобри делот од законот за здравствена заштита што се однесува на членовите на семејството на осигурено лице преку работодавач кои сега немаат право на некои бенефиции.

Фокусирањето на здравствената заштита им даде предност на демократите во минатото. Обамакер беше најголемиот законодавен успех на поранешниот претседател, а републиканците постојано се обидуваа да го соборат.

„Законот за пристапна нега покажа дека водени од фундаментална идеја, заедно можеме да ги подобриме животите на оваа и на следната генерација, и со упорност… можеме да влијаеме на милиони животи“, рече Обама.

Обама и Бајден станаа пријатели за време на мандатот на Обама и се среќаваа на ручек секоја недела, а нивните семејства стануваа поблиски.

„Тие двајца се вистински пријатели, не само „пријатели од Вашингтон“ и сигурна сум дека ќе зборуваат за светските настани, како и за нивните семејства и лични животи“, изјави за новинарите во понеделникот портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

Белата куќа соопшти дека измените на законот ќе им донесат на стотици илјади семејства заштеда од неколку стотици долари месечно.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Дејан Дејан

Нетанјаху замина да разговара со Трамп за прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Полска воведува гранични контроли со Германија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе