Украинското знаме денеска повторно беше подигнато над затворената нуклеарна централа во Чернобил, додека вработените ја пееја националната химна и го славеа заминувањето на руските војници.
Нуклеарната централа минатиот месец беше окупирана од руските сили.
Украинската нуклеарна компанија Енергоатом на Телеграм објави дека руските сили ја напуштиле затворената нуклеарна централа Чернобил.
Украинските власти тврдат дека повеќе од 30 населби во околината на Киев, што беа под контрола на руските сили, се вратени под украинска контрола.
Исто така се наведува дека повторно е воспоставена контрола врз градовите Буча и Бровари, што се лоцирани во близина на главниот град на Украина.
Руските сили денеска се повлекоа и од клучниот аеродром Хостомел во близина на Киев.
Русија претходно оваа недела соопшти дека драстично ќе ги намали своите воени операции околу Киев и Чернихив и дека се очекува руските сили да се прераспоредат во источна Украина.