Москва вети дека „фундаментално ќе ги намали“ своите операции околу главниот град на Украина за да ја „зајакне меѓусебната доверба“ во мировните преговори меѓу Русија и Украина, но западните власти сугерираат дека не станува збор за искрена намера, туку за купување време.
Михаил Касјанов, кој беше премиер на Русија за време на претседателот Владимир Путин од 2000 до 2004 година, зборуваше за Скај њуз за ситуацијата во Украина и за тоа што би можеле да значат мировните преговори.
„Мислам дека нема индикации дека Путин е подготвен да направи какви било отстапки“, рече тој.
„Тој сака да води монтирани преговори со Украина само за да му покаже на целиот свет дека сака мир, но… Мислам дека тоа е само камуфлажа“, рече тој.
Воениот аналитичар Мајкл Кларк рече дека Москва не успеа да ја прегази Украина, „Тоа е рационализација на воената ситуација во која се наоѓаат“, рече тој.
„Тие разбираат, сигурен сум, дека мора да ги концентрираат своите сили. Тие се премногу распоредени. Мора да се концентрираат некаде и затоа нивното внимание сега е насочено кон југоисточниот дел на земјата“, додаде тој.
Кир Гилс, експерт за Русија во тинк-тенкот Чатам Хаус, го опиша потегот како „препознавање на реалноста“ од Русија, сознание дека таа „не успеа“ и мора да ги намали своите воени цели.
Александар Стуб, поранешен фински премиер кој помогна да се постигне примирје со Русија и Грузија во 2008 година, рече дека руската објава може да биде само сигнал дека Кремљ ги насочува своите трупи на истокот на земјата.
Зборувајќи за новинската агенција Ројтерс, западен официјален претставник рече дека објавата „повеќе изгледа како тактичка вежба“ за да им се даде време на трупите да се прегрупираат. Говорејќи на прес-конференција во Белата куќа, американскиот претседател Џо Бајден рече: „Ќе видиме дали ќе успее“.
Таа оценка ја повтори и американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој рече дека „не гледа знаци на вистинска сериозност“ од Русија кога станува збор за завршување на војната.
Во меѓувреме, еден од водачите на сепаратистичкото востание поддржано од Москва во источна Украина ја нарече руската инвазија „грешка“.
„Сето ова можеше да се реши порано, најмногу преку дипломатија и можеби незначителна употреба на сила“, изјави Алексеј Александров за Ројтерс. „Но, тоа не беше направено и тоа е грешка на сите страни“, додаде тој.