Рускиот претседател, Владимир Путин, потврдил дека бомбардирањето на обиколениот Украински град, Мариупол ќе престане единствено кога украинските бранители ќе се предадат.
Путин овој коментар го дал во текот на синоќешниот едночасовен телефонски разговор со францускиот претседател, Емануел Макрон, информираше официјален Кремљ.
Истовремено, француските претставници велат дека рускиот лидер се согласил да размисли за плановите за евакуација на цивилите од градот.
Информациите за разговорот Путин – Макрон и ултиматумот на рускиот претседател доаѓаат откако најновите сателитски снимки на компанијата Максар, го илустрираа страотното уништување на цели станбени блокови во Мариупол од кои останаа само урнатините како резултат на постојаното бомбардирање од руската артилерија во предградијата на градот на Азовското Море.
Иако официјален Париз вели дека Путин најавил дека е подготвен да размисли за предлогот на Франција, Турција, Грција и неколку хуманитарни групи за евакуација на жителите кои се уште се заробени во градот, транскриптот објавен од властите во Москва, тоа не го потврдува.
Според руската верзија на разговорот, Путин му кажал на Макрон дека со цел да се реши тешката хуманитарна ситуација во градот, украинските националистички милитанти мора да престанат да даваат отпор и да го положат оружјето.