Од утре до недела во Белград ќе се одржи Светскиот шампионат во атлетика во сала. 680 натпреварувачи од 139 земји ќе се борат за медали во 26 дисциплини по 13 во машка и женска конкуренција.
На првенството се пројавени 10 атлетичари кои ќе го бранат златото од пред четири години на шампионатот во Бирмингем, а во српската престолнина допатуваа 12 шампиони од последните Олимписки игри во Токио.
Меѓу најголемите ѕвезди на првенството се светскиот рекордер во скок со стап Арман Дуплантис, а во Белград ќе настапат уште тројца атлетичари кои се сопственици на најдобрите постигнувања на сите времиња, Рајан Краузер во фрлање ѓуле, Јакоб Ингебритсен на 1500 метри и Јулимар Рохас во трискок.
Македонија ќе ја претставува Јован Стојоски кој е пријавен во трката на 400 метри. Нашиот репрезентативец ќе настапи уште на првиот ден, утре од 11 часот на програмата се квалификациите во оваа дисциплина каде се пријавени 29 атлетичари од 22 земји.
ФОТО: Игор Паневски