Новата методологија што ја предлага Комисијата за заразни болести за проценка и следење на епидемиолошкиот ризик ќе се темели на три индикатори за период од последни седум дена: бројот на новооткриени случаи и бројот на хоспитализации на 100 000 население и процент на исполнетост на здравствени капацитети. Епидемиолошкиот ризик, според предлогот на Комисијата, ќе се класифицира како низок, среден или висок и за секоја од проценетите состојби ќе има сет мерки.
Комисијата во соопштение објасни дека со зголемување на нивото на имунизирано население заради вакцини и прележана болест, поголем дел од инфекциите сега поминуваат асимптоматски или со благи симптоми.
-Затоа во последните недели фокусот околу КОВИД-19 во светот се поместува од вкупни бројки на новооткриени случаи кон број на хоспитализации и оптовареност на здравствениот систем. Според овие параметри, се предлага епидемиолошкиот ризик да биде класифициран како низок, среден или висок. За секоја од проценетите состојби се предвидува сет од мерки на индивидуално и општествено ниво. На ваков начин сметаме дека според објективни показатели ќе може навремено да се проценува ризикот и да се реагира соодветно во двете насоки, и за олабавување и за заострување на мерките, соопшти Комисијата за заразни болести.