Колкави се можностите војната во Украина и руската инвазија врз оваа земја да предизвика безбедносни нарушувања на Западниот Балкан.
Ова е една од дилемите на кои во вечерашната Топ Тема зборуваше поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров.
„Овој силен геополитички момент создава простор да се бориме ЕУ да даде вистинска понуда за Западен Балкан, да знаеме што е реално.Во моментов, јас мислам дека нема реална понуда за Балканот.“ – оцени Димитров.
Многу е важно да се закотви регионот во Европските текови, вели Димитров, бидејќи на Балканот има многу наративи што лесно може да се искористат за правење проблеми.
„Не е тајна дека лидерот на Република Српска во БИХ има многу блиски односи со Москва и неговата цел во суштина е растурање на Босна и Херцеговина како држава. Во ваква ситуација кога има војна во Европа, не е многу тешко, ако има сила што сака да направи нови проблеми, да се обиде да ги поттикне и затоа Европа мора да има многу јасен, конкретен чекор кон овој регион, што ќе ги намали овие слабости, кревкоста на Балканот. “ – предупреди Димитров.
Марко Трошановски ги претстави резултатите од последното истражување на Институтот за Демократија, кој покажува драстичен пад на довербата во ЕУ кај македонските граѓани од 44,8 проценти во последните три години.
„Оваа фрустрација од целото ЕУ искуство наше, оваа ЕУ голгота низ која минуваме, се гледа во симболичка поддршка кон други алтернативи.“ –вели Трошановски.
Во ова истражување на Институтот за демократија и Фондацијата Конрад Аденауер, 71% од испитаниците се изјасниле дека не ја поддржуваат можноста Македонија да направи отстапки во поглед на истористите наративи во спорот со Бугарија, со цел да се откочи процесот на преговори со ЕУ.
Уште повисок е процентот на испитаниците кои не се согласни со какви било отстапки во врска со македонскиот јазик –над 79% се против.
Висок е и процентот на испитаниците, 64,5 кои не поддржуваат отстапки во однос на положбата на бугарското малцинство во државата, со истата цел – почеток на преговори со ЕУ.
45,16% од граѓаните сметаат дека САД имаа најголемо влијание во државата а само 9,47% сметаат дека тоа е ЕУ.