Триесет и седум годишниот Елиуд Кипчоге триумфираше на маратонот во Токио, а до победата стигна со време од 2 часа, две минути и 40 секунди што е четврти најдобар резултат на сите времиња во оваа дисциплина.
За маратонецот од Кенија ова е победа на четвртиот од вкупно шесте најпознати трки, а до маратонскиот Гренд слем по триумфите во Токио, Лондон, Чикаго и Берлин му недостасуваат уште првите места во Њујорк и Бостон.
Кипчоге доминира во оваа дисциплина со оглед на фактот дека од четирите најдобри резултати во историјата три се во негова сопственост, а по трката најави дека со овој маратон почнуваат подготовките за настап на Олимписките игри во Париз за две години кога ќе атакува на третото злато.
Второто место му припадна на неговиот сонародник Амос Кипруто додека трет е Тамрат Тола од Етиопија.
Кај дамите првото место го освои светската рекордерка Бригид Косгеи од Кенија пред маратонките од Етиопија, Ашете Бекере и Готјутом Гебресиласие.