ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од власта зошто токму во моментите кога лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, даваше отчет за сработеното на градоначалниците снема струја во објектот на Македонската филхармонија.
И покрај тоа што снема струја Мицкоски продолжи да говори за 100-те дена од работењето на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Не дозволи да се прекине настанот на кој беа собрани сите градоначалници на опозициската партија. Сите присутни во салата молчеа, а тој говореше без микрофон.
За време на говорот на неколку наврати доаѓаше, па пак прекинуваше струјата. Мицкоски уште еднаш побара предвремени парламентарни избори, а на власта ѝ порача да не ја чепка македонската историја. Го повика народот на будност за сите прашања кои се поврзани со нашиот идентитет.
Мицкоски ги повика сите партии на единство и заштита на сите државни, национални и стратешки интереси. Подготвени се за разговори за една изборна единица, укинување на Пржинската влада, енергетската криза. Ќе разговара со секого на секоја тема. Очекува покана за лидерска средба, а вети и дека ќе дојдат промени.
Јулијана Пешевска