Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески вечерва објави дека е запален автомобилот на неговиот брат. Првичните сомневања се дека пожарот е подметнат бидејќи во близина е најдено шише во кое имало траги од бензин.
-Пред неколку месеци по политичка нарачка упаднаа мафијашки во мојот дом, а вечерва во периодот околу 21:15/20 часот, во семејниот дом на брат ми беше запален неговиот автомобил, напиша на својот ФБ профил.
Според него “пожарот е со намера предизвикан од човечка рака бидејќи до автомобилот беше пронајдено шише со бензин.”
-Ја испрскале целата кола, го фрлиле шишето запалиле и избегале. Ако ова е некаква порака за мене или моето семејство, уште веднаш да им порачам дека јас не им се плашам. Не се плашиме затоа што немаме зошто. Мојот брат, моето семејство важат за мирни и скромни луѓе, немаат лош збор со никого ниту пак имаат непријатели, затоа ова не може да се разбере никако поинаку освен обид за заплашување преку испраќање ваква кукавичка порака, потенцира Јаулески.
Пожарот е изгаснат, нема повредени, а случајот е регистриран во полицијата која го истражува инцидентот.
Во домот на таткото на Јаулески беа извршени претрењи во рамки на истрагата на финансиска полиција која по пријава на ЕВН истражува како земјиште е купувано ефтино и препродавано неколкупати поскапо на ЕВН за да се градат соларни централи.
Тогаш Јаулески исто така обвини за политички притисок на власта, а претресот на финансиската полиција се случи на 11.11.2021. кога во Собранието беше седницата по барање од 61 пратеник за оставка на владата на Заев, за што немаше кворум.