Општините под струен удар, пристигнаа сметките за јануари. За трипати повисоки сметки добиле комунални претпријатија во источниот регион. Штипски „Исар“ има сметка од 19 милиони денари. Оваа сметка за струја е за два милиони денари повисока од месечните приходи, во кои влегуваат платите на вработените, како и тековното одржување на системот за водоснабдување, чистење, собирањето на сметот и кредит.
Првиот човек на штипски „Исар“ за Телма вели дека високите сметки за струја ќе ги втурнат дополнително во криза, бидејќи и претходно наследиле долг од 30 милиони денари, а добавувачот на струја, кој им го раскина договорот веќе им ја спрема тужбата. Здравков на институциите им порача дека овде не станува збор за капацитетот и способноста на јавните претпријатија и на градоначалници, туку за енергетска криза, со којашто локалните власти со вакви високи сметки за струја тешко ќе се справат и дополнително ќе трупат долгови. Штип спасот го гледа во приклучувањето на Хидросистемот „Злетовица“, со што сметката за струја за преработка на водата би била пониска.
Вакви главоболки засега нема кочанското комунално претпријатие, на кого добавувачот за струја не му го раскинал договорот, оттаму велат дека веќе размислуваат за алтернативни начини како да ги намалат сметките, со инсталација на фотолтации.
Викторија Јованова