Подобрувањето на човековите права, последните избори, реформските процеси, судските постапки за случаи на висока корупција, работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата и Акцискиот план за борба против корупцијата се причините поради кои Македонија годинава доби четири индексни поени повеќе и скокна за 24 места на индексот на корупција на Транспаренси интернешнл. По неколкугодишен пад на листата, ова е напредок, но државата сепак е на ниското 87. место од вкупно 180, во друштво на Колумбија, Етиопија, Гвајана, Косово, Мароко, Суринам, Танзанија и Виетнам, кои се со ист број на поени.
Активностите преземени во последните две години, според Тасева, веќе го покажуваат своето влијание, но потенцира дека реформата во судството се` уште стагнира, како и други реформи што треба дополнително да се спроведат.
Од 2012 година 25 земји го подобриле индексот на борба против корупцијата, но 23 земји паднале, што значи дека нема трајни резултати. Од индексот се гледа дека и некои од најдобрите држави тешко се справуваат со овој проблем.
Најдобро рангирани во светот и годинава се Данска, Финска и Нов Зеланд со 88 поени. Најлошо рангирани се Јемен, Јужен Судан, Сирија и Сомалија.
Од регионот, Според Индексот на перцепција на корупцијата, Србија е на 96-то со индекс од 38, што се и нејзини најниски проценки досега. Црна Гора има индекс 46, Босна и Херцеговина и Албанија 35, Словенија е на 41 место со индекс 57, а Хрватска на 63 место со индекс 47.
Далиборка Дамјанска