Специјалниот претставник на Македонија во разговорите со Бугарија, Владо Бучковски, е разрешен од функцијата. Разрешувањето за ТЕЛМА го потвди лично Бучковски. Тој преку СМС порака кратко ја објасни причината за неговото разрешување.
„Со новиот пристап на преговори, МНР на двете држави и петте работни групи ќе ги водат преговорите“, напиша Бучковски.
Од владата нема официјално објаснување зошто е разрешен Бучковски, кој пак пред само месец и половина, поточно на 30 ноември, доби продолжување од една година на мандатот како специјален претставник на земјава во разговорите со Бугарија. Од владата наместо објаснување е лиферувано соопштение во кое му се забалагодаруваат на Бучковски за ангажманот и напорите за одржувањето на добрососедските и пријателските односи меѓу двете земји.
Притоа во соопштението на Владата се наведува:
„Се очекува, согласно разговорите меѓу премиерите на двете држави и меѓу мандатарот за премиер Ковачевски и премиерот на Бугарија Петков, двајцата нови премиери согласно заеднички утврдена методологија да ги утврдат начините, ресурсите и чекорите кон конечно решавање на отворените прашања, потпирајќи се на условите и успесите постигнати од сите чинители во досегашните процеси“.
Бучковски првпат на функција специјален претставник во разговорите со Бугарија беше назначен на 1 декември во 2020 година. Неговото именување од владата беше објаснето со угледот кој тој го ужива во Бугарија и неговите политички и општествени контактите таму, а кои би помогнале во приближување на ставовите меѓу двете земји. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, назначувањето на Бучковски за специјален претставник на земјава во разговорите со Бугарија тогаш го објасни и како замена за немањето на амбасадор на Македонија во Бугарија.