Една дивоградба на Кале е урната, соопшти општина Центар, но без детали дали се откриени и други диви градби во областа на средновековната тврдина во Скопје која е и заштитено културно-историско наследство.
Дивоградбата се наоѓала на улица Самоилова, а објектот се води на непознат инвеститор. Градбата која е отстранета е објект од втора категорија, со димензии 10 метри на 5.5 метри, изграден од армирано бетонска конструкција, на земјиште сопственост на Република Северна Македонија, соопшти општината.
За време на кампањата за локалните избори, кандидатката за градоначалник на Скопје Ана Петровска алармираше дека на Кале се користи испробан метод за легализација на дивоградби и купување на државно земјиште, кој што ги поминувал без проблем институционалните филтри за градење.
– Тоа е еден хотел, а инвеститорот нашол начин во нашите правни лавиринти, на државно земјиште да легализира претходни куќи кои тука биле изградени и претходно без да има таква намена со никаков ДУП да работи угостителство. Тука има обиди да се гради нелегално за скапи резиденцијални објекти. По ГУП-от целиот рид на Калето е предвиден со зеленило, како што сакаме и ние да остане покрај реката Вардар. Да биде континуирано зеленило. Нема изработено валоризација на овој простор од надлежните органи за заштита на културното наследство, што е причина зошто досега не е донесен ниту еден ДУП, истакна на 13.10.2021., Ана Петровска, кандидат за скопски градоначалник од „Зелен хуман град“.
Од Центар нема детали дали урнатата дивоградба е дел од проблемот за кој зборуваше Петровска, но наведуваат дека за урнатата дивоградба било доставено известување за уривање. Откако никој не го реализирал во рок од законски утврдените три дена општината со градежна механизација извршила уривање на објектот во реонот на Кале.
Општина Центар упатува апел до сите инвеститори и сопственици на нелегални објекти, да постапуваат по издадените решенија за отстранување на објектите. Во спротивно, општината присилно ќе ги отстрани, со што трошоците за отстранувањето ќе паднат на товар на инвеститорите, односно сопствениците на нелегално поставените објекти.