Вистинска драма се случувала денеска во средното училиште „Ибрахим Темо“ во Струга, каде професор е приведен во полиција откако со метлана шипка претепал ученик.
Настанот се случи во попладневната смена во 13 часот и 30 минути, кога 57 годишниот професор, кој денеска требаше да биде суспендиран поради слични инциденти, го нападнал ученикот, па се заклучил во еден од кабинетите за да го избегне бесот на неговите другари, вели за Телма директорката на училиштето Бесиме Јонузи.
-Професорот беше заклучен во кабинетот по англиски јазик, а наставниците се трудеа да ги спречат учениците кои стоеја пред вратата за да го нападнат наставникот. Секако, пријавивме во полиција и бевме принудени да ги задржиме учениците да не прават некоја поголема штета и да го нападнат наставникот, изјави Бесиме Јонузи, директор на средното училиштето „Ибрахим Темо“ во Струга.
Проблеми со професорот во неколку наврати имале и неговите колеги, па полицијата често интевренирала во училиштето, вели директорката Јонузи и додава дека, сепак, денешниот случај е кулминација.
-Со професорот имало вакви проблеми, но не до оваа мера. Вчера ја свикав дисциплинската комисија, од каде излезе мерката суспензија од изјавите на професорите и учениците. Оваа мерка се донесе за поранешните збиднувања со професорот, вели Јонузи.
Средношколецот со повреди на главата беше однесен на Одделението за хирургија во Болницата во Струга, од каде за Телма информираа дека е интервенирано врз повредата и извршено шиење на раната, по што пациентот е пуштен на домашно лекување.
Од полицијата го потврдија настанот и велат дека се работи на расчистување на случајот.
Емилија Мисирлиевски