Вкупно 10-мина се уапсени во полициската акција против организирана група која шверцувала наркотици.
Двапати во ноември, групата составена од 3-ца полицајци и 5-мина цариници успеала преку скопскиот аеродром да внесе наркотици, откриваат соопштенијата на МВР на Јавното обвинителство.
Цариниците не го проверувале товарот иако службнеите протоколи налагале примена на ткнр. „црвен канал“ односно задолжителен детален преглед со кој ќе се спореди фактичката состојба со декларацијата за да се провери што содржи товарот стигнат на скопскиот аеродром. Но цариниците не постапиле и не извршиле соодветна контрола со која би ги утврдиле неправилностите.
Дрогата според соопштенијата била носена „од царинската испостава на Меѓународен аеродром Скопје до зелениот појас во близина на државната граница помеѓу нашата држава и Р.Косово.“
Нема податоци дали и каде е пронајдена дрогата односно пренесените наркотици. Нема ниту потврда дали оваа акција се совпаѓа со прес-конференциите на Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ кој обвинуваше дека е внесен тон дрога со авион на 5-ти ноември, но никој не презел активности и обвинуваше за криминални дејства од претставници на власта.
Соопштението на МВР гласи:
- „Денеска (21.12.2021) по преземени повеќемесечни мерки и активности по насока на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога во содејство со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје спроведена е голема акција со претреси на повеќе локации во Куманово и Скопје, при што се лишени од слобода десет лица, и тоа Б.А.(35), М.А.(40), И.А.(45), И.Ф.(47), А.А.(43), сите од Куманово, А.Ж.(53), Т.Т.(54), Д.К.Ш.(43), Џ.Ш.(36), од Скопје и Љ.Љ.(36) од Тетово, меѓу кои тројца полициски службеници и петмина царински службеници.
- Деветмината се сомничат дека извршиле кривично дело „криумчарење“ од член 278, а тројца од нив дека сториле и кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по чл.215 од Кривичниот законик, додека при претрес кај А.А. бил пронајден и одземен кокаин.
- Имено, во текот на месец ноември 2021 година четворица од нив, меѓу кои два полициски службеника, во два наврата учествувале во неовластено пренесување заради продажба на прекурсори, од царинската испостава на Меѓународен аеродром Скопје до зелениот појас во близина на државната граница помеѓу нашата држава и Р.Косово. Притоа, осомничените царински службеници постапиле спротивно на нивните службени надлежности и не извршиле соодветна контрола на стоката согласно декларираната.
- Лицата во текот на денот ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, а во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција по целосно расчистување и документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.“
Обвинителството соопшти дека акцијата е спроведувана повеќе месеци:
- –По повеќемесечно постапување под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денес од страна на МВР беше спроведена акција на повеќе локации во Куманово и Скопје. Надлежен јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против деветте лица од кои двајца полициски службеници и петмина царински службеници. Лицата се осомничени дека сториле кривично дело Криумчарење од член 278, а на тројца на товар им се става и кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по чл.215 од Кривичниот законик.
- Во текот на месец ноември 2021 година четворица осомничени меѓу кои два полициски службеници, како повеќе лица земале учество во неовластено пренесување заради продажба на прекурсори кои во два наврати организирано требало да пренесат стока од царинската испостава Меѓународен Аеродром Скопје до зелениот појас во близина на државната граница помеѓу РСМ и Р.Косово.
- Осомничените царински службеници спротивно на нивните службени надлежности и покрај тоа што за пристигнатата стока модулот за управување со ризик при системот СОЦДАД определил црвен канал, што подразбира задолжителен детален преглед со кој ќе се спореди фактичката состојба со декларацијата, не постапиле и не извршиле соодветна контрола со која би ги утврдиле неправилностите. Со ваквото постапување како службени лица овозможиле преку царинска линија пренесување на стоки различни од декларираните.
- Осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје во текот на денешниот ден. Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ценејќи дека се исполнети условите, ќе му предложи на судот на сите осомничени да им биде изречена мерка притвор. Обвинителството, МВР и Царинската управа продолжуваат со интензивна работа во насока на расчистување на случајот.“