Вучиќ, Рама, Заев и Ковачевски. Двајца премиери, еден претседател и еден заменик министер. Ова е фотографија од иницијативата „Отворен Балкан„ од Тирана, што е и последниот ангажман на Заев како премиер, во пресрет на утрешната најавена оставка. Ковачевски беше присутен на сите средби, а на крајот од обраќањето, Заев го промовираше како свој наследник, иако се` уште нема добиено мандат за нова влада.
Ковачевски се качи на бината и на крајот од прес – конференцијата, за повторно да се фотографира со балканските лидери.
Тој последниве недели, во просториите на владата веќе води разговори за новиот владин кабинет и програмата за работа. Детали не се откриваат во јавност, но е сосема извесно дека поголемиот дел од министрите ќе си заминат од функциите. Некои сосема, а некои за да стапат на други.
Но, и сите да се сменат, опозицискиот претседател не очекува промени во политиката.
Засега е сигурно дека министрите Филипче, Шеќеринска и Царовска си заминуваат. Министерката Јагода Шахпаска во утринско гостување не сакаше да открие дали ќе биде дел од новата влада. Но, кусо изјави дека, кој и да дојде, важно е да ги продолжи почнатите проекти, со што остави простор дека и таа заминува од функцијата. За нејзиното место веќе се спомнува Милан Живковиќ, актуелен советник на премиерот. Министерката Ирена Стефоска не сакаше да одговори на нашето прашање, велејќи дека тоа ќе го соопшти мандатарот кога ќе дојде време.
Недостапен е и министерот за транспорт, Благој Бочварски, кој најавил дека утре ќе се изјасни, особено по шпекулациите дека на негово место треба да дојде поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Се` уште е енигма и дали министерот Оливер Спасовски ќе остане на функцијата, наводно разговорите за него се` уште траат.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ се очекува да биде вицепремиер за евроинтеграции, на местото на Никола Димитров, кој си заминува од функцијата. Во министерска фотеља ќе седне и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, но во чија, се` уште не се открива.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи индиректно најави дека би сакал да биде дел и од идната влада, а промени не очекува ниту министерот за локална самоуправа, Горан Милески. Се очекува и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи да остане на функцијата, додека вицепремиерот задолжен за корупција, Љупчо Николовски, наводно најавил повлекување.
Министер за здравство ќе биде Беким Сали од Алтернатива, а оваа партија го добива и министерството за информатичко општество, за каде е предложен Адмирим Алити. Џемаил Чупи е предложен за министер без ресор одговорен за дијаспората, Абдулшиќир Абедини за заменик министер за земјоделство, а Даим Лучи за заменик министер за култура.
Далиборка Демјанска