36 лица минатата недела по вторпат се заразиле од коронавирусот, со што бројот на реинфекции е зголемен за 38,5 проценти во однос на претходната. Со тоа од почетокот на пандемијата има вкупно 1.013 реинфекции, од кои две лица по третпат се заразиле со вирусот. Сепак, за 8 проценти намален е бројот на нови случаи, се наведува во неделниот извештај на ИЈЗ.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група над 60 (n=439, 22,8%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (n=67; 3,5%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, се наведува во извештајот од 13 до 19 декември на ИЈЗ.
Опфатот со две дози вакцина кај вкупното население е 39,4 проценти, а три дози примиле околу 90 илјади луѓе. Низ болниците во државата има 18 проценти помалку пациенти во однос на претходната недела, а бројот на починати е непроменет.
Пријавени се 66 смртни случаи во 22 градови во текот на изминатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (19). Во однос на возраста, најголем број (n=53; 80,3%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, се наведува во извештајот на ИЈЗ
Репродукциониот број на заразени е нешто под единица, но Македонија останува во фаза на широка трансмисија и со умерени капацитети за одговор. Сепак, проценката на здравствените власти е дека епидемиолошката состојба е стабилна, засега нема најава за нови рестриктивни мерки, ниту пак се очекува предвреме да почне зимскиот распуст за учениците, и покрај тоа што новиот сој омикрон кој сѐ уште не е регистриран кај нас, е сосема блиску во соседството.
Емилија Мисирлиевска