Вести Македонија Топ вести

Запленетиот автобус стар 25 години, но во документите бил „помлад“- возачот немал сертификат, а жртва во негова сообраќајка тврди-имаше забрана за возење

Откако вчера МВР соопшти дека запленила автобус на скопска фирма поради фалсификувани податоци со регистрацијата и бројот на шасија, се јави и жртва на сообраќајна несреќа во Турција која останала без нозе во автобус на истата фирма кој бил управуван од истиот возач. Несреќата се случила во летото 2016-та,додека возачот бил приведен и прогласен за виновен затоа што од невнимание се забил во камион полн со јаглен.

Снежана Караџовска на својот ФБ профил прашува има ли правда и напиша:

-Тоа е таа фирма „Бога транспорт“ со која патував пред 5 години од Истанбул за Скопје. Во таа сообраќајка ги загубив двете нозе над колена, еден патник почина, а неколку патници беа потешко и полесно повредени. Шоферот Зоран Момировски е сопруг на сопственичката на фирмата за транспорт. Имаше забрана за возење и условна казна, но постојано возеше на иста релација.

Од МВР не споделија дали се проверени наводите на Караџовска.

Но од досега што е проверено, утврдено е дека во сообраќајната дозвола за вчера запленетиот автобус имало еден број на шасија, додека во реалноста шасијата имала друг број. Според информациите на Телма автобусот бил произведен 1996-та година, но во сообраќајната дозвола стоело дека е од 2000-та година.

Како и каде е направен овој фалсификат засега нема објаснување. Но со таква сообраќајна дозвола, автобусот марка Сетра на фирмата заедно со уште 4 други автобуси добил лиценца за меѓунарден превоз на патници. Фирмата Бога добила лиценца до 2024-та година, а конкретниот автобус иако имал лажни податоци во сообраќајната дозвола добил извод од важечка лиценца.

Во транспорт и тамошниот инспекторат провериле и утврдиле дека возачот Момировски немал сертификат за компетентност во меѓународен сообраќај односно му бил истечен во февруари оваа година и оттогаш го возел автобусот со истечен сертификат. Досега не е соопштено колку пати со таков сертификат ја минал границата.

Во архивата на судски пресуди стои казна и за фирмата  Бога транспорт и за возачот Зоран Момировски кои добиле парични казни од 500 односно 100 евра за непочитување на законот за безбедност во сообраќајот. Пресудата е од 2013-та година.

Казната била изречена за прекршок поврзан со непочитување на обврската за задолжителни здравствени прегледи на возачите на автобус.

Автобусот беше запленет вчера кај Миладиновци, а МВР соопшти дека се движел за Истанбул но со фалсификувани податоци.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Даунинг Стрит 10: Партнерството го отсликува се подлабокото пријателство помеѓу двете земји

Дејан Дејан

Секое планирање во енергетиката мора да биде долгорочно, вели Божиновска

Дејан Дејан

Божиновска: Ќе се зголеми производството и ќе се намали цената

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе