Александар Велевски со неговото куче Бен со леснотија снимија спот во автобус, за инклузивност на лицата со попреченост, во општеството. Но, во реалноста ситуацијата е поразлична.
На овој 38 годишник со церебрална парализа и на кучето што му помага при движењето во инвалидска количка низ град, денеска им било забрането да влезат во автобусот бр.7, на релацијата од Центар до Карпош.
Мајката на Александар ни кажа дека возачот на автобусот му рекол на син и да оди во друг автобус и се заканил дека ќе повика полиција ако Аце и понатаму инсистира да влезат со Бен.
Од Коалицијата „Менуваме“ , се жалат дека се работи за одземање стекнато право за асистенција со куче, донесено со одлука на ЈСП-Скопје и Град Скопје.
И дека е прекршена Конвенцијата за правата на лица со хендикеп на ОН и Уставот на Македонија.
“Го повикуваме Градот, градоначалничката и ЈСП, да се формира Комисија , да се види зошто ова е вака? Зошто веќе не е овозможен пристап на лицата со попреченост, со куче придружник во јавниот превоз. И ако има таква одлука, каде е и како е донесена? Бидејќи сепак тоа е нешто што го користат лицата со попреченост. Кучето им е асистент, тоа е загарантирано право” – изјави Суарет Алишан од Коалиција “Менуваме”
Од ЈСП демантираат дека е донесена одлука со која се дискриминираат лицата со попреченост.
“Јавното сообраќајно претпријатие Скопје е јавен сервис кој обезбедува градски превоз за сите граѓани и никогаш немало дискриминација. Нема никаква поинаква одлука од онаа донесена пред две години, со која се овозможува лицата со попреченост кои имаат куче сервис да може да го користат јавниот превоз. ЈСП во соработка со Град Скопје веќе започна сеопфатна програма за подобрување на условите за превоз во јавниот сообраќај за лицата со попреченост преку поставување ниски платформи, со што јавниот превоз би станал подостапен за истите” – соопштија од ЈСП.
Од ЈСП изразуваат подготвеност за средба со Александар Велевски за надминување на проблемот и за презентирање на плановите за подостапен јавен превоз за лицата со попреченост, на кои, како што велат, работат со новата градска администрација.
За случајот, иако побаравме, не добивме одговор од Град Скопје.
Сотир Трајков